Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски денеска поднесе оставка од функцијата, наведувајќи дека одлуката ја донел од лични причини. Во објавата со која ја соопшти оставката, Андовски се заблагодари на премиерот за укажаната доверба, како и на вицепремиерот Љупчо Димовски за соработката и поддршката.
Тој им изрази благодарност и на здравствените работници и соработниците, посочувајќи дека за него било чест и голема одговорност да ја извршува функцијата.
„Денес ја поднесов мојата оставка од функцијата заменик-министер за здравство, од лични причини. Од срце му благодарам на претседателот на Владата на Република Македонија за довербата, поддршката и можноста да бидам дел од Владата и да придонесувам во унапредувањето на здравствениот систем.
Особена благодарност упатувам до потпретседателот на Владата, Љупчо Димовски, за искрената и коректна соработка, поддршката и професионалниот однос во текот на целиот период.
Благодарност и до сите мои колеги, здравствени работници и соработници со кои заеднички работевме во интерес на граѓаните и на македонското здравство. За мене беше чест, но и голема одговорност да ја извршувам оваа функција.
Заминувањето од функцијата не ја менува мојата благодарност кон сите со кои работев, ниту мојата почит кон институцијата и луѓето кои секојдневно се грижат за здравјето на граѓаните.
На Владата ѝ посакувам успех во понатамошната работа и многу успеси во градењето на подобар и поквалитетен здравствен систем.
Ви благодарам за довербата“, порача Андовски.
Текстот Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски поднесе оставка од лични причини е превземен од МАКФАКС.



