Започнува доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиони денари

пред 2 часа

Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на инвестиција вредна 42 милиони денари.

Проектот опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.

Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите.

Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.

„За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината“, рече Стојкоски.

Текстот Започнува доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиони денари е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top