На денешната седница членовите на Комисијата за заразни болести утврдиле дека засега нема услови за укинување на сертификатите оти трансмисијата е на високо ниво, а состојбата дополнително ја отежнуваат зимските месеци со сезонски настинки и грипови, информира Злате Мехмедовиќ кој од денеска е и официјален портпарол на ова советодавно тело.
Тој смета дека ако сега се укинат сертификатите тоа дополнително ќе го оптовари здравствениот систем и рече дека оваа мерка, која е контрапродуктивна, нема да се разгледува додека состојбата е како што е во моментот.
Проширената комисија за заразни болести ќе се состанува еднаш неделно, а доколку има потреба и почесто. Нејзин претседател од денес е Александар Петличковски, актуелен директор на Институтот за имунобиологија, а досегашниот директор Жарко Караџовски останува член.
Инаку Мехмедовиќ по првиот состанок на проширената Комисија рече дека тој ќе го носи најтешкиот дел.
„Надградувањето на Комисијата е во насока на тоа да се подобри квалитетот и да се подобри комуникацијата што ја имаме со граѓаните пред се, за да може да имаме сериозни образложенија кои ќе одат во насока на тоа да нема повеќе забуни во однос на препораките што се носат од Комисијата за заразни болести. Во насока на тоа, на покана од министерот за здравство, прифатив да бидам лице кое што еве ќе го сноси најтешкиот дел од оваа Комисија за заразни болести а тоа е да комуницира со вас новинарите и да пренесеме една слика како се носат препораките и што значат тие за граѓаните“, посочи Мемедовиќ.