Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, поради, како што велат, сериозни прекршувања на законите и загрозување на животната средина и јавниот интерес.
„Пријавата, составена на 125 страници и поткрепена со обемна документација и технички докази, се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и неговите соработници. Оваа постапка е ветена од здружението веднаш по првите граѓански протести и особено по растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјални мрежи, како и со злоупотреба на јавната функција и оневозможување јавни услуги. Ниеден избран функционер не е над законот – и ова треба да биде пример за сите“, велат од Здружението.
Од таму велат дека биле откриени нови индиции за дополнителни незаконски дејства и во наредниот период ќе бидат поднесени нови кривични пријави за најмалку две сериозни кривични ситуации.
„Исто така, бараме вонредна и целосна државна ревизија на работењето на Општина Ново Село – со посебен акцент на финансискиот и урбанистичкиот сектор, архивирањето и правниот промет; поддршка за граѓаните кои се подложени на притисоци и нарушување на нивните права од страна на градоначалникот како носител на јавна функција и татко му како соучесник во извршените нелегални дејства и расветлување на злоупотребите што ги трпат сите што не се согласуваат со политиките на градоначалникот и неговото блиско опкружување.“, пишува во соопштението од „Здрава котлина“.
Текстот „Здрава котлина“ поднесе кривична пријава против градоначалникот на Ново Село е превземен од МАКФАКС.






