Економистот Зоран Тодоров ја објави кандидатурата за градоначалник на Кочани. По Венко Крстевски, кој е актуелен вршител на должност на функцијата, вчера своја независна кандидатура поднесе и Зоран Тодоров.
„Почитувани сограѓани,
Вчера, ја поднесов независната кандидатура за градоначалник на Кочани. Некој би рекол ракавицата е фрлена, но јас би рекол раката кон сите во Кочани е подадена.
Јас сум Зоран Тодоров – сопруг и татко на две деца, кои секојдневно ме учат што значат љубов, трпение и посветеност.
По професија сум економист, но по суштина сум човек, кој целиот свој живот го живее со одговорност, духовност и почит кон заедницата.
Роден и израснат сум овде во Кочани – градот што ми ги вгради љубовта кон луѓето, чесноста кон трудот и верата во вистинските вредности.
Со моето семејство секој ден го живееме Кочани – не како место на случаен престој, туку како свесен избор.
Избор да бидеш човек, сосед, поддршка.
Избор да не молчиш кога можеш да помогнеш.
Избор да веруваш во луѓето и во заедничката сила што создава, а не уништува.
Јас сум човек од дела – не од зборови. Еден од основачите сум на повеќе организации, преку кои со конкретни акции и хуманитарни иницијативи со години сме им помагале на оние на кои најмногу им требало. Верувам во солидарноста – не како празна реченица на плакат, туку како нормална, човечка и граѓанска реакција кога некој страда или кога нешто може да се подобри.
Сакам живот во Кочани – не како навика, туку како одлука.
Сакам живот во Кочани – со смисла, со срце и со иднина.
Го гледам Кочани не како спомен што избледува, туку како иднина што мораме заедно да ја изградиме – чекор по чекор, човек до човек.
Верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас. Глас на одговорност, искреност и храброст да се каже: ‘Доста е – време е за поинаку’.
Сакам живот во Кочани – достоинствен, праведен, инспиративен и топол“, напиша тој на „Фејсбук“.
Текстот Зоран Тодоров ја објави кандидатурата за градоначалник на Кочани е превземен од МАКФАКС.