Истрага за 43 лица за измами со брзи кредити: осомничен и службеник во ФЗО

Истрага за 43 лица за измами со брзи кредити: осомничен и службеник во ФЗО

пред 1 година

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека поведува постапка против вкупно 43 лица, кои со разни дејства на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со брзи кредити.

За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, според соопштеното е поведена истрага за кривични дела – фалсификување исправа од член 378, злоупотреба на лични податоци од член 149, компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, а другите се опфатени во постапката со поединечни дејства на помагање и соизвршителство во секој од случаите одделно.

Во текот на предистражната постапка Обвинителството во координација со МВР – СВР Скопје обезбеди обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, користејќи разни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исти дела. Притоа користеле исти трајни односи, исти услови и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист.

Така, некои од осомничените, спротивно на условите утврдени со законот и без согласност на граѓаните, користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина друштва за брзи кредити, како и со фалсификување електронски потписи, без знаење на оштетените, на нивно име зеле кредити создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.

Други, пак, од осомничените лажирале податоци за вработување невработени лица прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари, кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО, број што претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот.

Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од разни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.

Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејства во вкупен обем надминува три милиони денари.

Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, а четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело, информира Обвинителството.

Текстот Истрага за 43 лица за измами со брзи кредити: осомничен и службеник во ФЗО е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top