Кисела Вода започнува акција за отстранување на хаварисани возила

Кисела Вода започнува акција за отстранување на хаварисани возила

пред 3 часа

Општина Кисела Вода денеска започна со интензивна теренска акција за справување со хаварисаните возила кои со години ги узурпираат паркинг местата, тротоарите и зелените површини низ општината.

Инспекциските служби, по претходно изготвен регистар од месните и урбаните заедници, денеска започнаа со лепење на известувања за задолжително отстранување на овие возила.

Согласно Законот за управување со дополнителни текови на отпад, сопствениците на регистрираните возила во неупотреблива состојба имаат рок од десет дена сами да ги дислоцираат од јавните површини.

„Нашиот приоритет е ослободување на секое парче јавна површина кое е блокирано од стари и неупотребливи возила. Овие возила не се само естетски проблем, туку се и пречка за нормалното движење на пешаците и возилата. Денешната акција е резултат на координација со месните заедници кои ни помогнаа да ја мапираме точната состојба на терен. Ги повикувам граѓаните да соработуваат, бидејќи само заедно можеме да го вратиме редот на нашите улици и да обезбедиме поголема безбедност за сите“, изјави градоначалниката Бети Стаменкоска – Трајкоска.

Доколку сопственикот не го отстрани возилото во дадениот рок од 10 дена од денот на известувањето, инспекциските служби на Општина Кисела Вода ќе изготват решение за отстранување, по што тие ќе бидат подигнати од страна на колективниот постапувач „Грин Роад“ и транспортирани на собирно место наменето за таа цел.

Текстот Кисела Вода започнува акција за отстранување на хаварисани возила е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top