Ковачевски: 400 милиони евра поддршка за животниот стандард и економската стабилност

пред 3 години

Ги насочуваме парите онаму каде е најпотребно – за финансиска поддршка на граѓаните и компаниите. Единствен приоритет во моментов е да го заштитиме стандардот на граѓаните и да одржиме економска стабилност, порача на социјалните мрежи претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

Тој во својата објава истакнува дека живееме во време на огромна светска економска криза, но дека со сите досегашни политики, мерки и одговорно владеење, новата влада за само 50 дена покажа дека може и умее да се справи со предизвиците.

„ Силно ги субвенционираме граѓаните за електрична енергија која би била 80% поскапа доколку нема субвенции, го решивме проблемот со затоплување во Скопје, ги поддржуваме финансиски ранливите категории на граѓани за струја и купување основни производи, а преку низа мерки ги одржуваме цените на основните производи стабилни. Со новиот пакет 26 мерки 400 милиони евра од буџетот насочуваме за поддршка на граѓаните и компаниите“, пишува претседателот на Владата Ковачевски.

Ковачевски потсетува дека и покрај овие кризни мерки, Владата ја покачи минималната плата, имаме рекордно покачување на пензиите, како и финансиска поддршка за пензионерите.

„ Сакам јасно да порачам, сите функционери, сите оние кои работат и се платени од граѓаните максимално одговорно да ги трошат државните пари. Истовремено, сакам да им порачам на граѓаните и на компаниите, дека секој има одговорност за рационално користење на енергетските ресурси во време на голема енергетска криза. Ова ќе биде тешка економска година, но силно верувам дека заедно ќе ја пребродиме“, потенцира премиерот Ковачевски.

Share
Scroll to Top