Ковачевски – Донкел: Соработката со Луксембург се интензивира, силна поддршка за евроинтеграциите

пред 3 години

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се сретна со Филипе Донкел, нерезидентен амбасадор на Големото војводство Луксембург за земјава, придружуван од Петар Арсовски, почесен конзул на Луксембург во нашата држава.

Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот биле потврдени добрите пријателски односи на Северна Македонија со Луксембург и заедничката определба за унапредување на соработката на сите нивоа.

Оценето било и дека нашата држава во пракса применува европски вредности, што го покажала и со имплементацијата на политиките на линија на Европската Унија, на коишто се постави во однос на ситуацијата во Украина.

Воедно, соговорниците констатирале дека почетокот на преговорите на Северна Македонија и на Албанија со Европската Унија е во функција на стабилноста на Западен Балкан и дека сега е моментот за тоа.

„Владата е посветена кон потребите на граѓаните и предизвиците по војната во Украина. Северна Македонија се постави стопроцентно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина и со тоа на вистинската страна на историјата. Разговорите со бугарскиот премиер Петков се водат на принципиелно ниво. Во голем дел го хармонизиравме домашното законодавство со европското. Тоа сега треба да се валоризира од ЕУ, бидејќи е значајно и за регионот и за ЕУ“, истакнал Ковачевски.

На средбата станало збор и за можностите за унапредување на економската соработка со Луксембург, при што премиерот посочил на предностите за инвестирање во земјава.

Share
Scroll to Top