Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков положија цвеќе на спомениците на Св. Кирил и Методиј и на Св. Климент и Св. Наум Охридски во центарот на Скопје.
Двајцата премиери заеднички оддадоа почит на делата на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј и на Св. Климент и Св. Наум како уште една потврда за важноста од соработката на двете држави, за зајакнување на меѓусебната доверба која се гради со заедничка работа во име на напредокот на народите во двете земји.
Премиерите Ковачевски и Петков потоа се упатија преку Камениот мост и плоштадот „Македонија“ и ја посетија и канцеларијата на Бугарската новинска агенција БТА во Скопје и со тоа го означија почетокот на работата на оваа канцеларија во Северна Македонија, додека пак за време на одржувањето на меѓувладината седница, која на 25 јануари ќе се одржи во Софија, ќе биде отворена и канцеларијата на МИА во Република Бугарија, која ќе биде лоцирана во Македонскиот културно-информативен центар во Софија.