„Кога пилите ќе стивнат“ – денеска протест против сечата на дрвја

пред 3 години

За денеска со почеток во 12 часот, на улицата Орце Николов , најавен е протест против сечата на дрвја.

Зад протестот стои „Зелен хуман град“ – иницијатива на 12 организации и активистички групи.

Организаторите бараат да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможил масакрот на улицата Орце Николов, а со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени.

Понатаму, веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја. Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување.

Едно од барањата е и град Скопје и општините да воведат статутарни одредби за задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста. Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно.

Се бара ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и истиот доследно да го применува. Организаторите сметаат дека е потребна итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата Орце Николов и објавување на проектантот и ревидентите на проектот.

Активистите се залагаат за поднесување на пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.

„Ќе запре ли некогаш, под власта на која било партија, уништувањето на белите дробови на Скопје? Ќе покаже ли барем еднаш градската администрација стручност и транспарентност во градежните зафати во Скопје? Ќе се освестат ли локалните моќници дека дрвјата во Скопје се основен предуслов за нормален и здрав живот за нас и за нашите деца? Истражувањата покажуваат дека во последните две децении, зелените површини во центарот на Скопје се драстично намалени! Овој екоцид е резултат на неконтролирана градежна офанзива, тотално неодговорно планирање и отсуство на секаква визија при изведба на улични реконструкции. Последниот инцидент се случи вчера во градското јадро, на улицата Орце Николов, каде што без никаква претходна најава беа искасапени здрави дрвја, кои на граѓаните им обезбедуваа кислород и беа островчиња за сенка во сахарско Скопје“, наведуваат активистите.

Додаваат дека образложението пристигнало откако штетата веќе била направена, но дури и тоа било неточно, бидејќи повеќето од исечените дрвја се со зелени крошни, а не целосно суви и трули како што тврди Општина Центар.

Share
Scroll to Top