„Изминативе денови сме соочени со гнасни и мизерни нападни од страна на блиски луѓе на Мицкоски по социјалните мрежи. Тие под негова команда ги омаловажуваат и навредуваат сите делегати кои секој ден сѐ помасовно се приклучуваат кон идејата за Вонреден конгрес и негова смена! Методите на напад се брутални против секој кој бара негова смена“, објави на Фејсбук поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кој е член на Иницијативниот одбор за вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, сѐ посилните навреди и клеветења го покажуваат стравот дека фотељата на Мицкоски секој ден сѐ посилно се тресе. „Примитивните напади покажуваат дека дното е допрено, подолу не може да се отиде! Деструкција, навреди, клевети на секој чекор, но издржавме и ќе издржиме! Крајот е близу, а Мицкоски во моментов е давеник кој бара сламка за да се спаси не бирајќи средства и начини да се задржи на позицијата на која е!Никој и ништо не може да нѐ заплаши! Имаме обврска и одговорност кон членството да ја поправиме грешката која ја направивме кога го гласавме #Мицкоски за нов претседател на #ВмроДпмне!Драги делегати, сега е моментот масовно да излеземе и да покажеме дека никакви измислици нема да нѐ сопрат. Знаеме кои сме и што сме! Конгресот е на прагот! Заедно сме посилни!Време е да се стави крај на сите поделби и #ВмроДпмне да се врати на вистинската патека, патеката која носи победи, а не деструкција“, вели Коневски.