Костадиновска-Стојчевска: Ја усогласуваме законската регулатива, за подобра заштита на културното наследство

Костадиновска-Стојчевска: Ја усогласуваме законската регулатива, за подобра заштита на културното наследство

пред 10 месеци

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се обрати на Втората годишна средба на архитекти и планери во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, при што ја истакна поврзаноста на архитектурата, планирањето и културното наследство како неразделни аспекти кои се одраз на иманентните вредности на културниот идентитет и традиција на една земја.

„Оваа средба има исклучителна важност за сите нас, затоа што во својот фокус ги става архитектурата и планирањето како елементарни дисциплини во егзистенцијата на еден народ, но истовремено ја одржува жива дискусијата за подобрување на заштитата и третманот на културното наследство во нашата држава, што говори многу за нашиот културен идентитет“, рече Костадиновска-Стојчевска на Конференцијата која се одржа во Битола.

Министерката за култура, пред присутните, бројни истакнати архитекти, планери, инженери од целата држава, од Архитектонскиот факултет во Скопје и Асоцијацијата на архитекти, зборуваше за богатото културното и архитектонско наследство на Битола, но и за предизвиците со кои се среќава град со вековна традиција.

Истакнувајќи го ова прашање како проблем на секој наш град кој има материјални траги на културно наследство, Костадиновска-Стојчевска се осврна на потребата од усогласување на Закон за градење и Закон за заштита на културно наследство.

„Свесни за овие предизвици во тек е интензивна подготовка на законската и подзаконската регулатива, која се однесува на заштитата на објектите и материјалото наследство. Заедничката цел на двата закони е да се одврземе од јазолот на бесконечни ситуации и неизвесни постапки во кои запаѓаат и проектантите и надлежните органи, со што конечно ќе се синхронизираат и двата закона“, рече министерката за култура.

Таа посочи дека ридобивките од консолидирање на овие два закона ќе бидат видливи не само во Битола, туку подеднакво и во останатите заштитени градски јадра како во Крушево, Кратово, Старата скопска чаршија. „Она што сакаме да го постигнеме е вистинска, а не само теоретска заштитата на културното наследство, баш онака како што доликува на еден град како што е Битола“, рече министерката за култура.

Во оваа насока, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност за соработката на архитеките и урбанистите од Комората на овластени архитекти и овластени инженери со Асоцијацијата на архитекти кои имааобединети гледишта во однос на правната регулатива во овој сектор.

Втората годишна средба на архитекти и планери се одржа на тема: „Архитектот де факто, визави Архитектот де јуре“, а министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја отвори и изложбата, „Мерило на македонската архитектура“ на која се претставени трудови кои беа дел на 20-тото и 21-то биенале на архитектура во Скопје- БИМАС, со изложени проекти од областа на архитектура, урбанизам, дизајн и енетриер.

Текстот Костадиновска-Стојчевска: Ја усогласуваме законската регулатива, за подобра заштита на културното наследство е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top