Кој може да гарантира било чија безбедност во ЗОО Скопје, прашуваат од „Анима Мунди“

Кој може да гарантира било чија безбедност во ЗОО Скопје, прашуваат од „Анима Мунди“

пред 3 часа

Им избегале или не волци во ЗОО Скопје, извршиле ли колеж на кенгури, ему птици и други животни? Ќе се јави ли ЗОО Скопје, или традиционално, повторно молк, реагираат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ за случајот во скопската Зоолошка градина.

Според нив, додека јавноста чека одговори, животните плаќаат со животи.

Прашуваат, како е можно волци со денови или недели да копаат дупки без тоа да биде забележано.

„Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата?

Кој ја презема одговорноста? Кој ќе одговори за убиените кенгури и ему птици?

Кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетители, деца, вработени или граѓани?

И не, не е несреќен случај. Ова е алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција која чува живи суштества зад решетки и за која постојано се издвојуваат јавни средства“.

Бараат итно и јавно да се истражи колку време бил компромитиран просторот од кој избегале волците. Кој бил задолжен за надзор? Кога последен пат биле извршени безбедносни проверки? Зошто не биле применети протоколи за спречување на трагедијата? Дали постои во ЗОО некаков план за итна интервенција и зошто очигледно потфрлил?

Бараат итна, независна и темелна истрага, јавно објавување на сите факти и најстроги санкции за секој што со своето постапување или непостапување придонел за оваа трагедија.

„Истовремено бараме итен мораториум на размножување, набавка и внес на нови животни во ЗОО Скопје!
Институција која не може да гарантира безбедност, благосостојба и основни услови за живот на животните кои веќе ги поседува, нема ниту морално ниту професионално право да продолжи да акумулира нови животни!

ЗОО Скопје мора да започне трансформација во рескју и рехабилитациски центар за животните кои веќе се таму и за кои нема можност за сместување во соодветни странски засолништа, паркови и живеалишта. Наместо производство на ново страдање и нови генерации животни осудени на живот во заробеништво, потребен е план за постепено намалување на бројот на животни и ставање крај на концептот на колекционирање живи суштества за изложување.

Колку уште животни треба да страдаат и умираат за да признаеме дека овие установи одамна не служат на интересот на животните? Животните не се експонати. Не се инвентар. Не се потрошна стока“.

Ги повикуваат граѓаните, како што велат, да не го поддржуваат овој застарен и нехуман модел и да ги бојкотираат зоолошките градини кои зад фасадата на „едукација“ кријат години занемарување, затворање и страдање.

„Секој кафез е сведоштво за одземена слобода. Секоја ваква трагедија е потсетник дека цената на тој систем секогаш ја плаќаат животните“.

Текстот Кој може да гарантира било чија безбедност во ЗОО Скопје, прашуваат од „Анима Мунди“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top