Кузеска: Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ

Кузеска: Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ

пред 2 часа

Вчерашната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и нејзините пораки по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, според СДСМ, потврдиле дел од ставовите на опозициската партија и нејзиниот претседател Венко Филипче.

„Македонскиот јазик, култура и идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, не се загрозени, туку се добредојдени во ЕУ. Сите лаги на Мицкоски се на виделина“, изјави денеска портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа рече дека Мицкоски во минатото ветувал враќање на името, укинување на Преспанскиот договор, како и подобра преговарачка позиција и промена на преговарачката рамка.

„Дојде на власт и одеднаш Преспанскиот договор стана ремек-дело на дипломатијата, НАТО стана одлична работа за бизнисот. Сиљановска призна дека со Преспанскиот договор македонскиот јазик и идентитет се заштитени“, рече Кузеска.

Од СДСМ обвинуваат дека Мицкоски претходно ја обвинувал партијата за предавство и ги убедувал граѓаните дека идентитетот е загрозен.

Кузеска се осврна и на европскиот пат на Македонија, при што оцени дека земјата, според неа, две и пол години стои во место.

„Нема патоказ за Македонија, прво мора да се случи деблокада на процесот. А тука е и европското обвинителство“, рече таа.

Според СДСМ, Мицкоски не добил медијација од ЕУ, туку бил упатен да разговара со Бугарија. Кузеска посочи дека билатералната средба меѓу министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, која според неа треба да се одржи следната недела, би значела послаба позиција за Македонија.

„Билатерална средба значи полоши позиции за Македонија. Се сведува на проблем помеѓу Македонија и Бугарија и ЕУ нема веќе да го третира како да е прашање на Унијата, туку нè остава во раце на Бугарија“, рече Кузеска.

Таа се осврна и на изјавата на Фон дер Лајен дека Преспанскиот договор претставува „вистинска политичка храброст“, оценувајќи дека од премиерот сега треба да се очекува одговор како ќе го деблокира европскиот процес.

„Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ. Што брани Мицкоски? Како понатаму? Мицкоски треба да излезе пред јавноста и да одговори“, порача Кузеска.

Текстот Кузеска: Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top