ЛДП за скандалот „важи-неважи“ со дигиталните документи: Владата ја третира државата како е циркус за промотивни видеа

ЛДП за скандалот „важи-неважи“ со дигиталните документи: Владата ја третира државата како е циркус за промотивни видеа

пред 3 часа

„Кого зафркавате и со чија интелигенција си подигрувате кога за само 24 часа сами си ја паѓате сопствената лага? Како раштиман оркестар сте – што воопшто правите на владина седница, дали министрите воопшто имаат поим што прават другите ресори, или воопшто не ги интересира и се на некој светски конгрес додека ја бламираат целата држава“, прашуваат од ЛДП.

„На 28 октомври премиерот Христијан Мицкоски се сликаше на гламурозна скапо платена претстава и триумфално ја промовираше апликацијата „м.Услуги“, ветувајќи му на народот крај на шалтерите и дигитални документи на мобилен. Но, само ден подоцна, бледата реалност ја спушти рампата: министерот Стефан Андоновски излезе и ладнокрвно соопшти дека дигиталната лична карта и возачка дозвола не важат при полициска контрола, бидејќи МВР и институциите воопшто не се подготвени!

ЛДП бара јавен одговор на прашањата: Колку народни пари чинеше оваа скапа промотивна фарса за џабе, кога електронските документи на мобилен не можат да се користат на терен? Кој ќе понесе одговорност за оваа скандалозна некоординираност на владата? Ќе понесе ли некој одговорност за ова ново јавно бламирање на премиерот и целата владина машинерија?

Можеби она што треба јавноста да го дознае многу брзо: Дали некој намерно го мести премиерот во сопствената партија, бидејќи ова веќе е чисто лудило – еден ден едно, друг ден друго и тоа за секое живо прашање?“, велат од ЛДП.

„Ова е врв на несериозност и политичко аматерство! Граѓаните се уморија од евтини ПР-трикови, празни QR-кодови и фешти каде се делат лажни надежи. Додека министрите се сликаат за лајкови, граѓанинот и понатаму мора да ја носи пластичната лична карта за секој случај и да истражува по шалтерите каде што државата е дигитална, а каде заглавена во камено време. Доста со лажни паралелни реалности – или направете функционален систем кој работи за народот, или престанете да го малтретирате со секојдневни бламажи“, вели Цветанка Геговска, членка на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП).

ЛДП бара итна одговорност и престанок на овие евтини дигитални маскаради. Државата не е циркус за промотивни видеа, а граѓаните заслужуваат сериозни институции, а не министерство за чист ПР!, додаваат од партијата.

Текстот ЛДП за скандалот „важи-неважи“ со дигиталните документи: Владата ја третира државата како е циркус за промотивни видеа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top