Левица: Град Скопје упорно крие за тоа со што, дали навремено и колку ефикасно прскал против комарци

Левица: Град Скопје упорно крие за тоа со што, дали навремено и колку ефикасно прскал против комарци

пред 47 минути

Во сезона кога западнонилската треска урива негативни рекорди, Град Скопје упорно крие за тоа со што, дали навремено и колку ефикасно прскал, обвинија од Левица. Од партијата велат дека поднеле жалба поради молкот на градот.

„Македонија годинава не се соочува со вообичаена сезона на комарци. Европскиот центар за превенција и контрола на болести состојбата во главниот град ја квалификува буквално како невидена епидемија на западнонилска треска. Токму затоа Левица побара од Град Скопје не сувопарни соопштенија, фотографии и филмски кратки видеа од авиони, туку документи и одговори: Кога е извршен секој третман, каде и на колкава површина; Со кој препарат, концентрација и доза; Колку литри или килограми навистина биле употребени; Кој го контролирал извршувањето; Што покажал ентомолошкиот мониторинг пред и по третманите; Врз основа на кој критериум Градот прогласувал некој третман за успешен. Побарани се и фактурите, записниците и доказите за извршување. Но, и по официјално доставено Барање, повторно наидовме на молк. Поради ваквото непостапување, испративме и жалба до надлежната Агенција“, соопштија од партијата.

Од Левица велат дека дел од сезонските третмани биле предвидени да започнат пред да бидат склучени договорите со извршителите, односно, кај авионското ларвицидно третирање спецификацијата ја опфаќа сезоната уште од март, а кај терестичките третмани предвидениот период започнува пред склучувањето на договорот со ЦЈЗ Скопје. Според Левица, тоа само по себе отвора сосема легитимно прашање дали превентивната програма започнала во моментот кога требало или Градот влегол во сезоната со доцнење.

„Уште посериозно е прашањето со што и со каков ефект се прскало. Во јавниот оглас и тендерот, тежиштето е ставено на хектари и наврати, а за средството се бара понудувачот само да изјави дека е ефикасно и безбедно и дека ќе го применува согласно упатството на производителот. При ваква епидемија, страв и потрошени средства од градската каса, јавноста има право да знае за важечките решенија, дозволената намена и конкретно дали препаратот е дозволен за авионска апликација, употребените концентрации и количества, дозата по хектар и доказ дека третманот имал ефект“, велат од Левица.

Од партијата бараат и одговор за тоа дали воопшто има налог за чистење на жариштата и скопските канали.

„Во момент кога ECDC зборува за невидена епидемија во главниот град, а бројот на смртни исходи во една сезона веќе го надмина вкупниот број од претходните петнаесет години, молчењето за ваква документација само ги разгорува сомнежите со тоа што ги остава неодговорени најважните прашања за превенцијата и третманот. Ако ДПМНЕ мисли дека со молк ќе ги закопа прашањата – се излажале. Или одговорно и достоинствено ќе одговорат и документите ќе ги извадат на маса, ќе покажат што, кога и со каков ефект направиле, или секој ден молчење само ќе ја зацврстува јавната дилема дали зад ‘прскавме’ всушност стои нешто многу подлабоко и криминално што не сакаат да го покажат. Кога станува збор за јавното здравје, нема место за ароганција, партиска бахатост, ПР и криење“, велат од Левица.

Текстот Левица: Град Скопје упорно крие за тоа со што, дали навремено и колку ефикасно прскал против комарци е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top