Деновиве, повторно е актуелна темата за законската обврска – универзалниот снабдувач со електрична енергија да ја објави цената за потрошувачите, што во суштина ништо нема да смени во однос на формирањето и утврдувањето на цената. Целта на овој спин е да се одвлече вниманието на јавноста од главниот настан, а тоа е истекот на лиценцата на „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач, велат од Левицата.
Според нив, Владата во заминување веќе го подготвува тендерот, кој набргу ќе биде објавен, каде што единствен услов за добивање на новата петгодишна лиценца ќе биде понудата на најниска маржа.
„Во изминатите пет години маржата на ‘ЕВН хоум’ беше 11,5 %, односно граѓаните пет години плаќаа струја поскапа 11,5 %! Левицата во неколку наврати апелира државната ‘ЕСМ продажба’ да ја преземе улогата на универзален снабдувач и со тоа државата и граѓаните да заштедат милиони евра, кои се прелеваат кај австриските газди. Ја повикуваме Владата да ја подготви државната ‘ЕСМ продажба’ за успешно учество во тендерската постапка за оваа дејност и со тоа ‘ЕСМ продажба’ да ја преземе улогата на Ууиверзален снабдувач. Ја потсетуваме јавноста дека тендерот за оваа дејност – универзален снабдувач го изготвува Владата, која истовремено треба да ја подготви својата компанија ‘ЕСМ продажба’ за успешно учество на сопствениот тендер“, велат од Левицата и додаваат:
„Над 60 % од бизнисот со електрична енергија во Македонија го владее австриската ЕВН преку своите фирми ‘ЕВН хоум’ и ‘ЕВН снабдување’, а дополнително ја поседува и електродистрибутивната мрежа во државата. Ова не е само монополска позиција на ЕВН, туку е и зависност на државата од оваа фирма, што претставува и реална закана за енергетската стабилност на Македонија. Сето ова е резултат на поданичкиот однос на владите на ДПМНЕ, СДС и ДУИ изминативе 18 години, односно од моментот кога австриската ЕВН ја купи електродистрибутивната мрежа“.
Текстот Левицата: Државната „ЕСМ продажба“ да ја преземе лиценцата од „ЕВН хоум“ е превземен од МАКФАКС.