Лефков: Филипче е против дата-центрите, за ова се разидува и со Ковачевски

Лефков: Филипче е против дата-центрите, за ова се разидува и со Ковачевски

пред 47 минути

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека се противи на развојот на индустријата со дата-центри во земјава, тврдејќи дека за ова прашање има различни ставови и во самата опозициска партија.

Лефков на прес-конференција рече дека Филипче е против, како што наведе, „секоја корисна идеја и секој проект“, вклучително и развојот на индустријата со дата-центри.

Според него, дата-центрите се прашање за кое Филипче се нашол на различна страна и од дел од своите сопартијци, меѓу кои пратеници, како и пратеникот и поранешен премиер Димитар Ковачевски.

„Значи и луѓе од СДС гледаат дека развојот на овој вид на индустрија е предност и за граѓаните, но и за Македонија како држава и за нејзиниот развој“, рече Лефков.

Тој упати критики до Филипче и поради неговите забелешки за транспарентноста на процесот за развој на оваа индустрија.

Лефков се осврна и на прашањата за потрошувачката на електрична енергија и вода од дата-центрите, тврдејќи дека електричната енергија ќе се набавува на пазарот или од обновливи извори, додека за ладењето на центрите постојат повеќе начини и, според него, водите не се во опасност.

Во однос на националниот дата-центар, Лефков рече дека државата ќе заштеди со обединување на податоците на едно место, а тие, како што наведе, ќе бидат безбедни.

Ковачевски претходно во телевизиско гостување оцени дека Македонија има потреба од примарен национален дата-центар, но и од развој на комерцијални дата-центри кои би можеле да привлечат големи технолошки компании. Тој посочи дека земјава во моментов нема примарен национален дата-центар, туку секундарен во Прилепско, отворен во периодот кога тој ја предводеше Владата. Според него, изградбата на најавениот примарен центар во Скопје би била добро решение за централизирање и подобра заштита на податоците на институциите. Ковачевски смета дека паралелно треба да се развиваат и комерцијални дата-центри и изрази надеж дека голема технолошка компанија би инвестирала во таков центар во Македонија. Како аргумент за потенцијалот на оваа индустрија ги посочи големите инвестиции во дата-центри во Европа и регионалната инфраструктура на Гугл.

Текстот Лефков: Филипче е против дата-центрите, за ова се разидува и со Ковачевски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top