ЛИБСЕЕН го поздравува усвојувањето на извештајот на ЕП за Македонија и ја осудува дебатата за идентитетот

ЛИБСЕЕН го поздравува усвојувањето на извештајот на ЕП за Македонија и ја осудува дебатата за идентитетот

пред 1 ден

Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН) го поздравува вчерашното усвојување на извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија.

Според нив, овој извештај претставува значајно охрабрување за македонскиот народ и за сите граѓани на државата, без разлика на етничката припадност, да продолжат посветено кон создавање на либерална, демократска, функционална, праведна и просперитетна европска држава.

„Нивната посветеност на реформите и европскиот пат заслужува поддршка, и ЛИБСЕЕН изразува целосна солидарност со нивните аспирации за посветла иднина во рамките на европското семејство“, пишува во соопштението.

Сепак, ЛИБСЕЕН ја изразува својата длабока загриженост што Европскиот парламент, во одредени моменти, станува, како што велат, заложник на неприфатлива дебата поврзана со македонскиот идентитет, јазик и култура.

„Овие теми не смеат да бидат предмет на расправа – тие се непобитни факти и жива реалност кои се развивале со векови во самото срце на Балканскиот полуостров. Цврсто веруваме дека богатството на идентитети и култури во регионот треба да се почитува и слави, а не да се доведува во прашање или поткопува. Вистинската европска интеграција се темели на меѓусебна почит и признавање на суверените реалности. Ги повикуваме сите страни да се фокусираат на иднината, да ги негуваат демократските вредности и да работат конструктивно кон целосно членство на Северна Македонија во Европската Унија, ослободени од делбени и анахрони дебати,“ изјави амбасадорот Бернард Никај, генерален секретар на ЛИБСЕЕН.

Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН) ги обединува либералните политички партии во регионот и дава придонес за развојот на регионот преку спроведување на либерални политики во политичките системи на земјите од Југоисточна Европа. Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, заедно со својот тим претседава со ЛИБСЕЕН во наредните 4 години.

Текстот ЛИБСЕЕН го поздравува усвојувањето на извештајот на ЕП за Македонија и ја осудува дебатата за идентитетот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top