„Маргини“: Собранието да избере стручен и независен Народен правобранител

пред 4 години

Вториот мандат на Народниот правобранител Иџет Мемети истекува на крајот од 2020 година. Согласно Законот за Народниот правобранител, Собранието е надлежно да покрене постапка за избор на нов Народен правобранител преку објавување на оглас најдоцна три месеци пред истекот на сегашниот мандат. Во пресрет на изборот, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа значајна функција да избере стручно и независно лице, со цел да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, која со години наназад не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.

„ Земајќи ги предвид објавите во медиумите во изминатиот период со кои различни политички партии јавно се осмелија да најават дека планираат да назначат партиски кандидати за Народен правобранител, апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот Народен правобранител“ велат од „Маргини“.

Иако Народниот правобранител како институција постои повеќе од 20 години, како што велат од Мрежата за заштита од дискриминација, сè уште не успева да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институциии за човекови права, како што се Париските принципи за статусот на националните институции за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија.

„ Да се има силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител е важно и заради непречено спроведување на принципот на владеење на правото и за почитувањето на човековите права како основен предуслов за напредок во евроинтеграциските процеси. Агенцијата за темелни права на Европската Унија препорачува обезбедување на поголема транспарентност при процесите на избор и нивна отвореност за најголем број на кандидатки и кандидати, како и вклученост на Собранието, но и на независни актери во процесот. Дополнително, Европската комисија повторно нѐ потсети дека е потребно именување на членови на независните тела засновано врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народен правобранител.

Предупредуваме дека со избор на партиски кандидат за Народен правобранител, а имајќи го предвид долгиот мандат од 8 години, со можност за реизбор, повторно ќе се оневозможи развој на институцијата, нецелисходно ќе се трошат буџетските средства за негова работа и граѓаните ќе продолжат да бидат лишувани од ефикасна и ефективна заштита на нивните права. Клучен предуслов за работата на Народниот правобранител е изборот на независен и на стручен кандидат“ велат од „Маргини“.

Share
Scroll to Top