Маричиќ: Пандемијата донесе предизвици и во правосудството

пред 4 години

Во организација на Министерството за правда на Канада, ОЕЦД и глобалната иницијатива „Отворено владино партнерство“, денеска се одржа онлајн-конференција со наслов „Глобален дијалог на министрите за правда за обезбедување правда за сите во време на глобална криза“. На настанот учество зедоа голем број министри за правда од целиот свет, кои дискутираа и споделија искуство како тие се справуваат со последиците од пандемијата во правосудството.

На темата свое обраќање имаше и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој ги презентира мерките што Република Северна Македонија ги презела во поглед на заштита на здравјето на сите странки во постапките пред судовите и обвинителствата.

Министерот Маричиќ истакна дека преку владините уредби за време на вонредната состојба, судовите и обвинителствата постапувале единствено по итните случаи, како и за оние за кои постоело опасност да застарат, но дека одредени судови ја искористиле можноста да продолжат со одржување на рочиштата онлајн. Воедно, Маричиќ потенцира дека во еден случај на онлајн-судење сите странки од постапката пред судот се вклучиле од разни градови, а обвинетиот, пак, од притвор, што, според министерот, се покажало доста ефикасно и во интерес на сите странки во постапката.

Во поглед на пристапот до правда за сите граѓани, министерот Маричиќ истакна дека Северна Македонија е активно вклучена во „Отвореното владино партнерство“ и е единствената држава од Западен Балкан со заложба да го подобри пристапот до правда, особено за маргинализираните групи во општеството.

Со оглед на потребата од поголема отвореност на судските институции и враќање на довербата на граѓаните во судството, Маричиќ најави дека Северна Македонија ќе почне ново поглавје од „Отвореното владино партнерство“ и дека ќе ја поддржи подготовката на првиот акциски план за отворено судство.

Share
Scroll to Top