Податоците од евиденциите на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во првите осум месеци од 2026 година е постигнато значително подобрување на безбедносната состојба во патниот сообраќај.
„Во периодот јануари–август 2025 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 96 лица, додека во истиот период од 2026 година загинале 62 лица. Тоа се 34 помалку загинати лица, односно намалување од 35,42%.
Истовремено, вкупниот број настрадани лица е намален од 4.731 на 3.868. Станува збор за 863 помалку загинати и повредени лица, односно намалување од 18,24%“, соопшти МВР.
Од таму велат дека овие бројки се јасна потврда дека системскиот пристап во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот дава конкретни резултати.
Вкупниот број сообраќајни незгоди е намален од 5.485 на 4.840, односно за 11,76%. Бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици е намален од 82 на 54 или за 34,15%, додека бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди е намален од 594 на 528, односно за 11,11%.
Бројот на сообраќајни незгоди со телесни повреди е намален од 2.291 на 1.896 или за 17,24%, а бројот на сообраќајни незгоди со материјална штета од 2.518 на 2.362, односно за 6,20%. Бројот на лица со телесни повреди е намален од 3.949 на 3.116, односно за 21,09% или 833 лица. Бројот на лица со тешки телесни повреди е на приближно исто ниво – 686 во 2025 и 690 во 2026 година.
„Значењето на овие резултати е уште поголемо ако се земе предвид дека со години бројот на жртвите во сообраќајот остануваше на високо ниво. Во периодот од 2010 до 2025 година во сообраќајни незгоди годишно загинувале меѓу 116 и 198 лица, а во 2019 и во 2025 година биле регистрирани по 132 загинати лица. Тоа покажува дека подолг период не било постигнато суштинско и одржливо намалување на бројот на жртвите“,велат од МВР.
Од таму наведуваат дека позитивната промена во 2026 година е резултат на интегриран пристап кој ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и континуираните превентивни активности.
„Со започнувањето на санкционирањето преку системот „Безбеден град“ на 1 февруари 2026 година, беше воспоставен нов модел на постапување. Прекршоците се детектираат автоматски, предметите се обработуваат електронски, а известувањата се доставуваат преку СМС порака и електронска пошта. Не станува збор само за воведување нова технологија, туку за промена на начинот на спроведување на сообраќајните прописи, односно од повремена контрола кон континуирано, предвидливо и неселективно постапување. Со тоа се зголемува извесноста дека детектираниот прекршок ќе биде процесиран, се намалува просторот за субјективно постапување и се влијае превентивно врз однесувањето на учесниците во сообраќајот“, велат од МВР и додаваат дека ќе продолжи унапредувањето и проширувањето на системот „Безбеден град“, со засилени контроли и со мерки насочени кон намалување на сообраќајните незгоди односно помалку повредени и помалку загубени човечки животи.
Текстот МВР: За осум месеци 34 помалку загинати и 863 помалку повредени во сообраќајни незгоди е превземен од МАКФАКС.





