По нова методологија ќе се прави скринингот за Ковид – 19 во училиштата, соопшти денес Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Дел од тестовите кои се на располагање ќе се користат за скрининг, а останатиот дел за тестирање откако во одделението ќе се регистрира позитивен случај со цел оние што ќе добијат негативен резултат да останат на настава со физичко присуство.
„За учениците, дел од достапните тестови ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел за таканаречено ’тест ту стеј’, тестирање за да се остане во училиште односно изложените ученици во одделенијата каде што имало позитивен случај да можат да се тестираат со цел да останат со физичко присуство доколку тестот е негативен. Методологијата за изведување на овој скрининг ќе биде поинаква. Ќе има малку поинаква динамика и ќе бидат потребни малку помал број тестови кои ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата на возраст од шест до осумнаесет години, школската возраст која не интересира. Наскоро таа методологија ќе биде утврдена и многу наскоро, за краток временски период ќе ги имаме резултатите. Согласноста од родител за тестирањето треба да биде обезбедена“, рече портпаролот Мехмедовиќ.
Минатата недела претседателот на Комисијата Александар Петличковски извести дека за скринингот имаат на располагање 10 – 20.000 брзи тестови, чија прецизност за откривање на сојот омикрон е околу 50 отсто, но смета дека ќе бидат доволен показател за состојбата во училиштата.
До Комисијата не стигнало барање да се преиспита препораката за носење маски во училиштата откако дел од родителите бараат маската да не биде задолжителна.
Портпаролот Мехмедовиќ нагласи дека Комисијата строго ги со следи ставот на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на болести кои препорачуваат маски во затворени простории за деца од 6 до 18 години.