По интензивниот период на подготовки и формално одобрување, денеска го означуваме почетокот на 19 нови проекти, сите финансирани од ИПА инструментот на Европската Унија, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски за време на конференцијата „ЕУ за општините“.
„Осум нови проекти од Програмата „ЕУ за општините” и единаесет проекти од ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Проектите, секој со просечна вредност од над 600.000 евра се однесуваат на подобрување на условите за заштита на животната средина, на зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги, воведување на е-услуги во општините. Ова е можност во секоја од општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Скопје, Врапчиште, Охрид и Струмица, каде што ќе се имплементираат овие проекти, да се направи разлика во подобрувањето на локалните услуги од што најмногу корист треба да имаат граѓаните“, појасни Милевски.
ЕУ за општините е нова програма преку кој на општините им обезбедивме вкупно 5,5 милиони евра за финансирање на 8-те одобрени проекти. Кофинансирањето го обезбеди Министерството за локална самоуправа со поддршка и на Швајцарската агенција за развој и соработка, со што се создадоа услови за полесен пристап на општините до средствата од Европската Унија.
Исто така денеска ќе бидат потпишани и договорите за кофинансирање на 11 проекти за прекугранична соработка со Албанија од вториот и третиот повик. Вкупната вредност за двете држави е 10,7 милиони евра грант од Европската Унија. Половина од овие средства, преку проекти, ќе се реализираат во нашата држава. Националното кофинансирање од 15 насто за нашите проекти го обезбедува Министерството за локална самоуправа.
„Проектите се партнерски и тоа е нивната додадена вредност, ги имплементираат општини, установи, граѓански организации и со нив се подобруваат условите за живеење во Охрид, Битола, Могила, Демир Хисар, Маврово и Ростуша, Крушево, Ресен, Струга, Врапчиште и Боговиње. Вмрежувањето, партнерствата и градењето на капацитети се заеднички влог во нашата европска иднина, за што очекуваме уште поголема и подиректна поддршка и признание од Европската Унија“, додаде Милевски.
На конференцијата се обратија ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, амбасадорката на Швајцарија Вероника Хулман, амбасадорот на Албанија, Фатош Река, претседателката на ЗЕЛС Данела Арсовска, А онлајн се вклучи Јасна Габрич, копретседавач со Заедничкиот консултативен комитет на локални и регионални власти меѓу Северна Македонија и Европската Унија.