Жителите на Чешиново – Облешево добија нов, модерен простор за рекреација на најмладите, што е резултат на директна иницијатива на жителите на општината, соопшти Министерството за локална самоуправа. Преку серијата Форуми во заедницата, како што додаваат од атму, граѓаните сами го идентификуваа недостигот на детско игралиште како клучен приоритет, потврдувајќи дека кога заедницата активно учествува во одлучувањето, локалните политики одговараат на реалните потреби.
Детскто игралиште, во вредност од 2.4 милиони денари, е изградено во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, финансиран од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа и ко-финансиран од општините, а спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
За министерот за локална самоуправа, Златко Перински, форумскиот начин на избор на проекти, претставува значајна демократска алатка што се предвидува и во измените на Законот за локалната самоуправа.
„Поставивме јасна цел за воспоставување на постојана координација и соработка меѓу сите надлежни институции и донаторската заедница, со цел заеднички да ги насочуваме ресурсите таму каде што се најпотребни, водејќи се од заедничката визија за развој на државата и исполнување на стратешките приоритети“.
Како донатор, Швајцарија има долгорочни заложби околу децентрализацијата и работата на локално ниво, потврди амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, најавувајќи и нови иницијативи. „Швајцарија e долгорочен партнер на Северна Македонија во зајакнување на локалната самоуправа. Еден од највпечатливите резултати на ова партнерство се форумите во заедниците кои треба да се институционализираат и станат редовна пракса. Неодамна започнавме нова програма наречена „Заедници со интегритет“, во која заедно со Владата на Шведска работиме на зголемувањето на интегритетот на локалните самоуправи и се надеваме дека ќе успееме да вклучиме што е можно повеќе општини.“ рече Зомер.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) е имплементатор на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан вели дека посветеноста на развој на локалната самоуправа е видлива преку конкретните резултати. „До сега 54 општини реализираа приоритетни проекти како овој во општината Чешиново – Облешево. Општините исто така добија и нова ИТ опрема, со која се зголемува транспарентноста на работата на општинските совети, а советниците и општинската администрација се дел и од програмата за јакнење на капацитетите.“ вели Григорјан.
Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданче Костадинов, кажа дека локалната самоуправа направила дополнителни напори за овој простор да биде мултифункционален.
„За да одговориме на барањата на граѓаните, направивме измени во првичниот план со цел просторот да биде максимално безбеден и соодветен за децата. Ова не е само игралиште – овој дел од селото сега ни служи како центар за различни собири, вклучувајќи и прослави и маалските дружења кои претходно немавме каде да ги организираме. Планираме и нови интервенции, дополнително зеленило и урбана опрема за овој локалитет да стане вистинско јадро на Облешево,“ изјави градоначалникот.
Текстот Министерство за локална самоуправа: Чешиново-Облешево доби нов, модерен простор за рекреација на најмладите е превземен од МАКФАКС.





