По повод Светската недела на доење, што годинава се одбележува под мотото „Доење за одржлив почеток во животот – да го зајакнеме тоа што функционира“, Министерството за здравство потсетува дека доењето е најприродниот и најбезбедниот начин на исхрана на новороденчињата и доенчињата.
Мајчиното млеко ги обезбедува сите неопходни хранливи материи за правилен раст и развој, го зајакнува имунитетот, го намалува ризикот од бројни заболувања и придонесува за подобро здравје и на мајката и на детето.
Согласно препораките на Комитетот за доење, УНИЦЕФ и СЗО, се препорачува исклучиво доење во првите шест месеци од животот, а потоа продолжување со доење, заедно со соодветна дополнителна исхрана, до две години или подолго, во согласност со потребите на детето и желбата на мајката.
„Остануваме посветени на унапредување на здравствените политики што обезбедуваат поддршка за доењето, преку јакнење на капацитетите на здравствените установи, едукација на здравствените работници и континуирана поддршка на бремените жени, мајките и нивните семејства“, велат од Министерството.
По повод Светската недела на доењето, Министерството повикува на заедничка одговорност и поддршка од здравствените работници, институциите, работодавачите, семејствата и целата заедница, бидејќи создавањето услови за успешно доење е инвестиција во здравјето на сегашните и идните генерации.
Текстот Министерството за здравство: Доењето е најдобриот почеток за здрав раст и развој на секое дете е превземен од МАКФАКС.





