Минчев: Започнува практичната примена на мерит-системот во јавната администрација

Минчев: Започнува практичната примена на мерит-системот во јавната администрација

пред 2 часа

Министерството за јавна администрација, во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денес ја промовираше новата рамка за вработување заснована на заслуги, интегритет и компетенции, значаен чекор кон воспоставување модерен и професионален систем на вработување во јавниот сектор.

Обраќајќи се пред претставници на институциите, дипломатскиот кор и меѓународните партнери, министерот за јавна администрација Горан Минчев истакна дека со донесувањето на системските закони беше поставена цврста основа за реформите, но дека нивната вистинска вредност ќе се потврди преку доследна примена во пракса.

„Реформите не се успешни кога остануваат запишани во законските текстови. Тие се успешни кога институциите ги применуваат, кога службениците ги препознаваат како корисни алатки и кога граѓаните ги чувствуваат придобивките од нив. Токму затоа, денес мерит-системот добива своја практична примена“ истакна министерот Минчев.

Во рамки на настанот беа претставени Правилникот за работните компетенции на административните службеници и Прирачникот за спроведување интервју базирано на компетенции, практични инструменти кои ќе овозможат појасни стандарди за проценка на компетенциите, поголема предвидливост на постапките и намалување на субјективноста при селекцијата на кандидатите.

„Денес не зборуваме само за закони. Денес зборуваме за конкретни механизми што ќе им помогнат на институциите да спроведуваат фер, транспарентни и објективни постапки за вработување, засновани на знаење, способности и интегритет“ нагласи Минчев.

Министерот истакна дека визијата на Министерството е јавна администрација во која вработувањето и напредувањето ќе зависат од знаењето, компетенциите и постигнатите резултати, а институциите ќе располагаат со професионални и мотивирани службеници кои ќе обезбедуваат поквалитетни услуги за граѓаните.
Посебна благодарност министерот упати до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за континуираната експертска и партнерска поддршка во процесот на модернизација на јавната администрација.

Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, нагласи дека Мисијата целосно го поддржува Министерството за јавна администрација во воведувањето на новиот систем за вработување заснован на компетенции.

„Новиот правилник, водичот и практичните алатки ќе обезбедат вработувања засновани на квалификации, испити и вештини, а не на политички фаворитизам. Тоа значи помалку простор за недозволено влијание, посилни институции и подобри јавни услуги за граѓаните. Вработувањето засновано на заслуги обезбедува јавните службеници да можат одговорно да управуваат со сложени процеси и ефикасно да испорачуваат услуги“ истакна амбасадорот Вал.

Со воведувањето на овие реформски алатки, Министерството за јавна администрација прави нов исчекор кон воспоставување јавен сектор во кој мерит-системот не е само законски принцип, туку стандард што ќе се применува во секоја постапка за вработување.

Текстот Минчев: Започнува практичната примена на мерит-системот во јавната администрација е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top