Минчев на јавна расправа во Собранието: Одговорност, мерит и јасни правила за високото раководство во администрацијата

Минчев на јавна расправа во Собранието: Одговорност, мерит и јасни правила за високото раководство во администрацијата

пред 4 часа

Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска се обрати на јавната расправа во рамки на Комисијата за политички систем при Собранието на Република Македонија, посветена на Предлог-законот за високата раководна служба во органите на државната управа и фондовите.

Во своето обраќање, Минчев истакна дека реформата на високата раководна служба претставува клучен сегмент од сеопфатната реформа на јавната администрација и дел од пошироката реформска агенда насочена кон изградба на професионална, стабилна и отчетна државна администрација.

„Реформата на високата раководна служба не е техничка интервенција во законодавството. Таа е политичка одлука од највисок ранг и одраз на државничка зрелост и одговорност“ нагласи министерот, додавајќи дека начинот на уредување на највисоките управувачки позиции директно влијае врз квалитетот на владеењето, стабилноста на институциите и довербата на граѓаните.

Посочи дека со предложеното законско решение првпат се воспоставува кохерентна и унифицирана рамка за именување, мандат, оценување и разрешување на високите раководители, вклучително и директорите, државните секретари, замениците и членовите на управните одбори.

„Принципот на мерит, кој со години го споменувавме во декларативна форма, со овој закон станува системско правило. Воведуваме појасни критериуми, јавен повик, структурирана селекција и рангирање, со јасна обврска процесот да биде транспарентен и сеопфатен“ истакна Минчев.

Во однос на улогата на извршната власт во процесот на избор, министерот нагласи дека задржувањето на конечната одлука кај Владата е во согласност со уставниот поредок и принципот на политичка одговорност.

„Во парламентарна демократија, одговорноста не може да биде апстрактна. Таа мора да има јасен носител. Ова не е отстапување од мерит-системот, туку негово институционално усогласување со демократската легитимност“ посочи министерот.

Посебен акцент беше ставен и на реформата на управните одбори, со намалување на нивниот состав на три члена, како и на ограничувањето на институтот „вршител на должност“ кој со новото законско решение станува строго временски ограничен механизам.

„Овој закон не создава привилегии, туку поставува одговорности. Тој не концентрира моќ без контрола, туку ја поврзува моќта со отчетност и резултати“ истакна министерот, додавајќи дека целта е воспоставување функционална држава во која секој носител на одлуки јасно знае како е именуван и пред кого одговара.

Текстот Минчев на јавна расправа во Собранието: Одговорност, мерит и јасни правила за високото раководство во администрацијата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top