Митрополитот Георгиј стапи на тронот на Дебарско-кичевската епархија, вети дека ќе служи со љубов и пожртвуваност

Митрополитот Георгиј стапи на тронот на Дебарско-кичевската епархија, вети дека ќе служи со љубов и пожртвуваност

пред 10 часа

Со торжествена Божествена литургија во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“, архимандритот Георгиј денеска беше хиротонисан и устоличен за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Чинот го водеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во присуство на бројно свештенство, владици од целата земја, верници и државни функционери.

Новоназначениот митрополит Георгиј, пред членовите на Светиот синод и присутните верници, се завети дека ќе служи со посветеност, според каноните на Светата црква и со најголема послушност кон Божјата волја.

„Се заколнувам со живиот Бог дека секогаш ќе ги имам на ум неговите зборови – проколнат да биде секој што нема да го извршува Божјото дело. Ќе бидам вреден, нема да бидам мрзлив, и сето тоа ќе го правам според мојата совест, без лицемерност, туку со искрена љубов кон Бога и кон ближните“, рече меѓу другото митрополитот Георгиј во својата прва беседа како владика.

Архиепископот г.г. Стефан пак истакна дека овој избор претставува продолжение на духовната традиција на епархијата.

„Сите досегашни охридски светила покажаа дека епископот не е само управител, туку жртва светаденица, сведок на вечната вистина и глас на безгласните. Денес добивме архиереј достоен на своите претци – пастир кој ќе ги понесе добродетелите на оние што го воделе патот пред него“, истакна архиепископот.

Митрополитот Георгиј го презема раководството на Дебарско-кичевската епархија по упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година. Неговиот избор дојде по интензивна подготовка, само пред еден и пол месец се замонаши, а потоа беше произведен за јероѓакон, јеромонах и игумен, сè до изборот за митрополит.

Поранешен декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски – сега митрополит Георгиј – е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал на Папскиот универзитет „Грегоријана“ во Рим. Има богато црковно и академско искуство, меѓу другото и како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на повеќе книги и преводи на Светото писмо.

Текстот Митрополитот Георгиј стапи на тронот на Дебарско-кичевската епархија, вети дека ќе служи со љубов и пожртвуваност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top