Мицкоски: Како генерација имаме привилегија да направиме премостување од Македонија оптоварена со кризи во држава со јасна насока и со свест дека иднината не се очекува, туку создава

Мицкоски: Како генерација имаме привилегија да направиме премостување од Македонија оптоварена со кризи во држава со јасна насока и со свест дека иднината не се очекува, туку создава

пред 3 часа

На XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржува во Спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што истакна дека како генерација имаме привилегија да направиме премостување од Македонија оптоварена со кризи во држава со јасна насока и со свест дека иднината не се очекува, туку создава.

„Во секоја политичка генерација доаѓа миг кога мора да се издигнеш над прашањата „што“ и „како“, и да одговориш на едно многу подлабоко „зошто“. Ние денес не расправаме само за програми, ниту за изборни циклуси, говориме за смислата да се води една држава низ турбулентен век во кој повеќето нации се прераскажуваат себеси, а некои дури се борат да опстанат. Македонија е во редот на држави кои не смеат да си дозволат ниту грешка на самодоволност, ниту луксуз на краткорочна мисла“, кажа Мицкоски и додаде:

„Нашиот пат, драги мои, не е линија што трча од избори до избори. Тоа е патека што ја исправа државата. Во мигови кога малите земји се принудени да докажат зошто заслужуваат свое место во светот, нашата должност е да покажеме дека силата на Македонија не лежи во нејзината големина, туку во нејзината издржливост, во зрелоста на нејзините институции, во способноста на нејзините луѓе да гледаат пошироко од хоризонтот на сопствените грижи“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски во својот говор истакна дека ја прифаќа довербата не како политичка победа, туку како заеднички завет.

„Нашата генерација има ретка привилегија: да го премости времето меѓу старата Македонија држава оптоварена со кризи, сомнежи и неизвесности и новата Македонија која ја градиме денес, држава што стои исправено, со повисока самодоверба, со јасна насока и со свест дека иднината не се очекува, туку се создава. Токму затоа ја прифаќам оваа доверба не како политичка победа, туку како заеднички завет. Завет дека ќе ја продолжиме модернизацијата без да ја изгубиме суштината. Завет дека ќе ја чуваме традицијата без да станеме заложници на минатото. Завет дека ќе се движиме европски, но секогаш македонски. И завeтoт дека секоја наша одлука ќе ја мериме со прашањето: „дали го јакне достоинството на државата?“, кажа Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека секој што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ мора да ја разбере вистината што често се заборава дека Македонија не пропаѓала од слабости, туку од мали амбиции.

„Историјата не нè учи дека победи се кратки, но системите се долги. И ако нашето дело има вредност, таа ќе биде измерена не денес, туку за дваесет години кога новите генерации ќе можат да кажат дека живеат во земја што не паднала во искушение да се повторува, туку се осмелила да се преобрази. Секој што ја предводи оваа партија мора да ја разбере вистината што често ја забораваме: Македонија не пропаѓала од слабости, туку од мали амбиции. Од политичари што мислеле за следниот говор, а не за следната генерација. Од влади што правеле пријатели, но не и институции. Од системи кои се одржувале на импровизација, а не на дисциплина“, потенцира Мицкоски.

Мицкоски истакна дека наша задача е да се изгради држава што нема да се моли за почит, туку ќе ја добива затоа што ја заслужува.

„Нашата задача е спротивното. Да изградиме држава што ќе трае подолго од нашите имиња. Држава што ќе ја подигне самодовербата на народот. Држава што нема да се моли за почит, туку ќе ја добива затоа што ја заслужува. Држава што ќе има економија со перспектива, институции што не зависат од волјата на поединци, образование што ги отвора вратите на светот, и национална сила што не се темели на гласност, туку на стабилност“, заклучи Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Како генерација имаме привилегија да направиме премостување од Македонија оптоварена со кризи во држава со јасна насока и со свест дека иднината не се очекува, туку создава е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top