Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена

Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена

пред 4 часа

Преку Министерството за транспорт и во соработка со Светската банка ќе се набават 40 нови возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека со оваа набавка ќе се реши еден од најголемите долгогодишни проблеми во работењето на претпријатието – застарената неодржувана  и истрошена механизација, која сериозно го отежнувала одржувањето на јавната хигиена во главниот град. Според Мицкоски, состојбата дополнително била усложнета и со превработеност, како и со недоволна ефикасност на дел од вработените.

– Со овие 40 камиони, сигурен сум дека многу ќе се подобри состојбата со хигиената во Скопје. Како што најавивме и во кампањата, и како што најави и самиот градоначалник, хигиената ни е прв приоритет и во таа насока се движи овој процес, рече Мицкоски.

Тој најави дека процесот на набавка се очекува да биде заокружен до доцна пролет, а испораката на возилата да почне до крајот на годината. Според премиерот, новата механизација ќе овозможи поефикасна работа на Комунална хигиена и видливо подобрување на чистотата во градот.

– Сепак 40 камиони за одведување смет се огромна работа. Не така одамна имавме во Битола презентација на еден друг проект кој исто така меѓународни финансиски институции го поддржуваат, има и грант компонента, а тоа е регионалната депонија во Новаци. Дел од тој проект е и набавка на камиони за одведување на смет на општините од Југозападниот и од Пелагонискиот регион. Се што било закочено, не било сработено и не се работело, украдено, уништено, се трудиме да го оживееме и да го вратиме повторно во функција. Не може преку ноќ. Да бидеме трпеливи, рече премиерот Мицкоски.

Текстот Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top