Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да инвестира во здравствениот систем, современа медицинска опрема, нови технологии и усовршување на медицинскиот кадар, со цел натамошен развој на трансплантациската медицина во земјата.
Во обраќање посветено на органодарителството и трансплантацијата, Мицкоски истакна дека станува збор за тема која ја надминува медицината и претставува симбол на хуманост, солидарност и грижа за другите.
„Продолжуваме да вложуваме во здравствениот систем, во современа медицинска опрема, во нови технологии, во едукација и усовршување на медицинскиот кадар и во создавање услови трансплантациската медицина да продолжи да се развива и да достигнува нови успеси“, рече премиерот.
Тој нагласи дека органодарителството е еден од највозвишените човечки чинови, бидејќи овозможува спасување и продолжување на животот на луѓе кои чекаат трансплантација.
Мицкоски оддаде почит на донорите и нивните семејства, посочувајќи дека нивната хуманост и несебичност претставуваат пример за целото општество. Воедно, изрази благодарност и до лекарите, хирурзите, анестезиолозите, координаторите за трансплантација, медицинските сестри и целиот медицински персонал вклучен во процесот.
Според него, силен и модерен здравствен систем се гради со континуирани инвестиции во знаењето, луѓето и технологијата, а неопходно е и понатаму да се подигнува јавната свест за значењето на органодарителството.
„Да продолжиме да градиме општество во кое солидарноста не е исклучок, туку правило. Општество во кое хуманоста е наша најголема сила, а грижата за другиот човек наша најголема вредност“, порача Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Продолжуваме да вложуваме во современа медицинска опрема и развој на трансплантациската медицина е превземен од МАКФАКС.





