„Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествуваа во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања.
Мицкоски додаде дека според последната информација, судијката на Уставниот суд, Кацарска ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд“, рече тој.
Истакна дека ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
„Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии.
Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија“.
Според премиерот, ваквата одлука е неправда за пензионерите.
„Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите“, дециден е Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Уставниот суд и Кацарска го укинаа линеарното зголемување на пензиите, над 70 проценти од пензионерите ќе земат помала пензија е превземен од МАКФАКС.






