„Кога точно, односно кога најдоцна, лицата со хемофилија ќе го добијат лекот Фактор 8 и чија ќе биде одговорноста доколку здрастената состојба на овие лица се влоши затоа што се принудени да лежат во кревет поради тендер шемите на вашите директори?“ беше првото прашање што пратеничката Јована Мојсоска од Левица го упати до министерот за здравство, Азир Алиу на денешната седница за прашања од опозицијата во Собранието.
Мојсоска алармираше за сериозната состојба со пропусти во набавката на овој лек кој е од клучна важност за лицата со хемофилија А.
„Се работи за доцнење на тендерот за набавка на лекот фактор 8 повеќе од шест месеци. Ќе пренесам лично сведоштво на пациент со хемофилија А кој за да може нормално да функционира мора да прима 30000 единици на фактор 8 секој месец. Но, од мај минатата година поради раскинување на тендерот воведени се рестрикции за овој лек, па пациентот наместо потребните 30000 единици прима само 5000 единици месечно“, рече Мојсоска.
Таа додаде дека ваквите рестрикции ги врзуваат пациентите за кревет и сериозно ја загрозуваат нивната здравствена состојба. „И ова не е само еден пациент на кого сериозно му е загрозено здравјето поради неодговорноста и немарноста на одговорните лица во институциите. Верувам дека ќе се согласите со мене дека и да е само еден живот и еден пациент во прашање, државата е должна да обезбеди достоинствен живот, а не живот врзан за кревет поради бирократски процедури или можеби преговори за провизии од тендери“, посочи пратеничката.
Мојсоска се осврна и на институционалната одговорност посочувајќи дека и претходно имало вакви рестрикции но, тоа никогаш не било повеќе од два месеца. Исто така посочи дека со години трае руинирање на здравствениот систем, а сега под водство на ДПМНЕ дополнително се деградира. „Дајте да лоцираме каде е одговорноста. Со институтот за трансфузиона медицина раководи директорот Амир Ељези, поставен од оваа владејачка коалиција. Во интервју вие потврдивте дека сте во комуникација со директорот и дека лекот ќе биде набавен. Информациите кои јас ги имам е дека директорот Ељези вооопшто не бил расположен да ги прими докторите од установата кои барале средба со него токму заради алармантата ситуација за овој лек“, рече Мојсоска.
Пратеничката Мојсоска истакна дека Левица и претходно го спорела изборот на овој директор бидејќи со Законот за безбедност во снабдување со крв предвидува дека за директор може да се постави специјалист трансфузиолог со најмалку две години работно искуство. „Ељези не е транзфузиолог, а очигледно не е ни менаџер кога за прв пат во негово директорување доцни лек половина година“, заврши Мојсоска.
Текстот Мојсоска до Алиу: За прв пат доцни лек за хемофилија повеќе од шест месеци – кој ќе ја сноси одговорноста за нарушеното здравје на овие лица? е превземен од МАКФАКС.






