Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека продолжуваат преговорите со снабдувачот „Окта“ за обезбедување дополнителен попуст на дизелот, со цел да се намали неговата цена.
Мицкоски потврди дека преговорите се при крај и дека очекува договорот наскоро да биде финализиран.
„Да, во преговори сме и мислам дека сме многу блиску до договор за два денари попуст“, изјави премиерот при посетата на Општина Чешиново-Облешево.
„Граѓаните имаат најниски цени во Европа кога станува збор за дизел горивото и безоловниот.
Веќе имаме држави во Европа каде дизелот и безоловното гориво се продаваат по цена од над три евра а кај нас се под 1,6 евро за литар и најниска цена во Европа. Ние ќе продолжиме со таа политика“, најави Мицкоски.
Потсети дека состојбата во светот е сложена и како што рече се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети.
„Сега засега се справуваме одлично. До крајот на годината сме со обезбедени количини за сите видови на горива а следната година исто така ќе биде година која не очекувам да има поголеми турбуленции, предизвици секако ќе има. Бидејќи имаме најниска цена на горивата, граѓаните од соседните земји доаѓаат полнат кај нас, со што двојно се зголеми конзумот на дизел во пограничните места“.
Мицкоски потсети и дека цената на електричната енергија останува иста.
„Оние шпекулации дека до крајот на годината ќе има нивелирање на цената на електрична енергија, нема да има, останува истата цена“.
Текстот Намалување за два денари на дизелот, најави Мицкоски и потсети дека имаме најниска цена на горивата е превземен од МАКФАКС.





