НБРМ: Последните случувања во Украина значат нагорен ризик за инфлацијата

пред 3 години

Засега непроменета каматна стапка, продолжуваме со реоценувањето, а идните промени се условени од макроекономските показатели. Ваков е заклучокот од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани најновите движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше заклучено дека последните случувања во Украина значително го менуваат глобалниот економски контекст и делуваат врз домашната економија. Тие во основа значат нагорен ризик за инфлацијата, а надолен ризик за економскиот раст. Од една страна видливи се ефектите врз инфлацијата, а од друга страна веќе се извесни ризиците за забавување на побарувачката поради зголемена неизвесност, воздржаност на домашните субјекти и намалена побарувачка од нашите трговски партнери. Во околности кога инфлацијата претежно е предизвикана од надворешни фактори на понудата, а ризиците за економскиот раст (побарувачката) се надолни, беше одлучено основната каматна стапка засега да остане иста, на нивото од 1,25% и да се понуди непроменет износ на благајнички записи од 10 милијарди денари. Тековната монетарна поставеност го поддржува кредитирањето на компаниите и граѓаните, односно обезбедува поддршка за натамошно закрепнување на економијата.

Сепак, ќе продолжиме со реоценување на поставеноста на монетарната политика, имајќи ги предвид најновите информации за конфликтот, како и фискалните мерки и последиците од нив врз домашната економија. Всушност, веќе е започнат новиот циклус на макроекономски проекции во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира и побрзо.

Во однос на инфлацијата во домашната економија, има нагорни ценовни движења, како и во сите земји во моментов. Така, во првите два месеца од 2022 година е остварена просечна годишна стапка на инфлација од 7,1 отсто. Забрзувањето на инфлацијата е главно одраз на растот на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и општо на увозните цени. Ова доаѓа до израз особено во економиите коишто зависат од увоз, односно каде што значителен дел од потрошувачката е увезен, како што е случајот и со нашата економија, како една од трговски најотворените економии во регионот. Најновите проекции на ЕЦБ за инфлацијата во ЕУ, како наш најзначаен увозен партнер, како и нагорните ревизии на светските цени на енергентите и на храната упатуваат на повисока инфлација во однос на проектираната според есенските проекции и кај нас оваа година, а потоа постепено намалување наредната година. Исто така, се следат и домашните фактори, особено состојбите на пазарот на труд и нивното можно влијание во претстојниот период. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии. Народната банка, внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и ако се забележат поизразени притисоци од побарувачката и позначително влијание врз инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со сите инструменти со кои располага.

Нивото на девизните резерви и анализата на показателите за нивната соодветност покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона. Неизвесниот амбиент, поради појавата на новите надворешни шокови, но и неоснованите шпекулации во јавноста околу стабилноста на девизниот курс имаат неповолни влијанија врз побарувачката за девизи во економијата. Стабилноста на девизниот курс е загарантирана и не треба да се доведува во прашање. Во овој контекст, на седницата на Комитетот беа разгледани промените во валутната структура на штедењето, како и однесувањето на субјектите на девизниот и на менувачкиот пазар. Притоа, беше заклучено дека одредени целни мерки, како што е промената во задолжителната резерва, може да се употребат како реакција на ваквите тенденции.

Во однос на движењата во реалната економија, во четвртиот квартал од 2021 година реалниот БДП бележи раст од 2,3% на годишна основа, којшто е поумерен во однос на очекувањата според октомвриската проекција. Со овие остварувања продолжи натамошниот раст на домашната економија, но побавно, во услови на ширење на петтиот бран од пандемијата поврзан со сојот „омикрон“ на вирусот ковид-19, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и појавата на првите ефекти од нарушувањата на пазарот на енергија. Гледано за целата 2021 година, економијата бележи реален раст од 4%, што е во рамките на очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка (3,9%). Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2022 година се делумни и недоволни за согледување на состојбите во целина, а оцената е дополнително отежната и поради кризата во Украина. Податоците за јануари покажуваат натамошен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и мал раст на индустриското производство на годишна основа, по падот во претходниот квартал. Имајќи ги предвид најновите геополитички случувања, ризиците околу проекцијата на растот и економските изгледи за оваа година се во надолна насока.

Солидните движења во монетарниот сектор продолжија и во февруари. Според првичните податоци, во февруари 2022 година, кредитите и депозитите бележат солидни стапки на годишен раст. Растот на кредитирањето на корпоративниот сектор забрзува, при што и понатаму е поизразен во однос на кредитирањето на населението.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 се значително нагласени од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните потенцијални ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, што налага внимателно следење на состојбите. Народната банка продолжува со внимателното следење на движењата, ризиците и промените на глобалните и на домашните услови и е подготвена за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум.

Share
Scroll to Top