Нега Центарот во Демир Хисар ќе обезбеди помош за 21 лице над 65 години, најави Шахпаска

пред 3 години

Старите лица од Демир Хисар кои имаат потреба од помош отсега ќе имаат помирни денови во својата трета доба. Токму за ваков исход се залагавме кога ја започнавме социјалната реформа“, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на врачувањето на лиценцата за услуга на помош и нега во домот за стари лица на Црвениот крст.

Преку Нега Центарот Демир Хисар, седум обучени негуватели ќе ја даваат оваа услуга на 21 лице. Ова значи дека ќе им помагаат на стари лица со навршени 65 години, при извршувањето на секојдневните обврски, чистење, хранење, облекување, земање медицинска терапија.

Според министерката новите социјални услуги што ќе бидат подостапни за граѓаните се креираат согласно потребите на корисниците.

Градоначалникот на Демир Хисар Марјанчо Стојановски смета дека со поголемата вклученост на општините се обезбедува поголема функционалност на услугите, но и поголем опфат на лицата на кои им е неопходна оваа социјална реформа.

„ Нашите возрасни сограѓани заслужуваат помош во секојдневниот живот. Ние сакаме да градиме хумана општина и на овој начин тоа го реализираме. Продолжуваме и понатаму да соработуваме со сите засегнати страни во интерес на нашите граѓани“, истакна Стојановски.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика поддржани се 19 проекти во 24 општини. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Проектот е еден од инструментите на поддршка во успешното спроведување на сеопфатната социјална реформа. Оваа социјална услугата која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика е финансиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светска банка.

Share
Scroll to Top