Новото училиште во Илинден ќе овозможи целодневен престој и сензорна соба за децата со попреченост

пред 3 години

Во општина Илинден од следната учебна година за првпат ќе биде воведен целодневен престој за најмладите ученици, а ќе биде отворена и сензорна соба за децата со попреченост, што ќе биде новитет кај нас.

Ова ќе се овозможи со изградбата на новото општинско основно училиште, чија што изградба е во тек, а треба да биде завршена до крајот на годината.

„Изградбата на новото училиште се јави како реална потреба, бидејќи во моментов во Општинското основно училиште Гоце Делчев во населба Илинден, учат над 1.000 ученици, при што наставата се одвива во две смени со полн капацитет и со присуство на повеќе од 30 ученици во една паралелка“, изјави градоначалникот Александар Георгиевски.

За време на посетата на објектот во градба, Георгиевски рече дека изградбата на ова училиште е од големо значење како за подобрувањето на условите во образовнието и одвивање на современа наставна програма, така и за квалитетот на живеење во општина Илинден.

Заедно со градоначалникот Георгиевски, за тоа како се одвиваат градежните работи околу изградбата на новото училиште, се запознаа и повеќемина граѓани, членови на Советот, како и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, партијата од чии редови беше избран градоначалникот Георгиевски.

Share
Scroll to Top