Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес за сторени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Неизвршување на судска одлука.
„Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција презеде опсежни истражни дејствија со кои утврди дека обвинетите, во временскиот период од 21.02.2025 до 15.09.2025 година, со неизвршување на својата службена должност, потешко го повредиле правата на оштетената сега почината Росица Коцева, повредувајќи го нејзиното уставно загарантираното право на живот, како и правата предвидени со чл.2 и чл.3 од Европската конвенција за човекови права“, соопшти Јавното обвинителство.
Понатаму се наведува дека тие не постапувале соодветно по пријавите на оштетената за семејно насилство, непочитувајќи ги одредбите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, Правилникот за начинот за процена на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите од нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, Правилникот за вршење на полициските работи и Законот за полиција.
Исто така, во услови кога биле изречени судски мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, тие не постапувале по итните мерки за заштита.
„Дел од обвинетите прземајќи дејствија по пријава на оштетената, постапувајќи спротивно на изричните одредби од Законот за полиција, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки за постапување, а доказите ги чувале во просториите на ООК-ОКП Велес без да поведат никаква постапка“, соопштија од Обвинителството.
Текстот Обвинение против деветмина полицајци за случајот со Росица од Велес е превземен од МАКФАКС.






