Во врска со големиот пожар што зафати магацински објекти во селото Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје веќе презеде дејствија за утврдување на фактите и обезбедување на докази за понатамошната постапка.
Јавниот обвинител упати барање до Началникот на Генералштабот на Армијата за ангажирање на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана. Припадниците на единицата со специјални инструменти извршија мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. Првичните резултати од мерењата веќе се доставени до обвинителството.
Покрај тоа, се очекуваат и резултати од надлежните служби при Министерството за животна средина, кои ќе дадат дополнителни податоци за степенот на загаденоста.
Обвинителството веќе издаде наредби за прибирање на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во наредниот период, откако ќе се обезбедат информации за видот на складираните материјали, ќе биде наредено и вештачење за да се утврди видот на контаминацијата и последиците врз животната средина.
Моментално, во опожарениот објект не постојат услови за увид на лице место поради опасноста, а полициските службеници и натаму го ограничуваат пристапот на сите неовластени лица и лица без соодветна заштитна опрема.
Текстот Обвинителство чешла документи, Армијата мери токсини по пожарот во Трубарево, се чека и на резултатите од министерството на Меџити е превземен од МАКФАКС.






