Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе подолг период нема повратна информација од Министерството за внатрешни работи во врска со сомнежите за оддавање службени тајни и можни шпионски активности во Кабинетот на претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова.
Како што се наведува, обвинителството ја започнало постапката на 18 декември 2025 година, веднаш по добивањето на известувањето од Секторот за компјутерски криминал при МВР, по што биле преземени низа законски мерки за обезбедување на доказите.
Во првичната фаза од постапката, ОЈО ГОКК до Основниот кривичен суд доставило Барање за пребарување на компјутерскиот систем за да се утврди дали имало неовластено преснимување податоци од информативниот систем во претседателскиот кабинет. Истовремено, биле издадени наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери кои претходно од Кабинетот биле доставени до МВР, а на 30 декември 2025 година била издадена и наредба за анализа на екстрахираниот материјал.
Сепак, обвинителството наишло на пречки при обидот да ги обезбеди безбедносните видео записи. На почетокот на 2026 година, Кабинетот на Претседателката известил дека не располага со копии бидејќи опремата е набавена преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), а надлежноста за ракување е кај МВР. По обраќањето до двете институции, од СОЗР потврдиле дека нивната улога била само набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите е обврска на МВР. И покрај ова, од Министерството за внатрешни работи до денес не се доставени повратни информации ниту известување за дејствијата околу обезбедувањето на овие видео записи.
Понатамошниот тек на истрагата покажува дека на 16 март 2026 година, МВР доставило известување само за дел од активностите за пристап до криптираните податоци од компјутерската опрема. Заедно со тоа, до ОЈО ГОКК биле предадени два одземени мобилни телефони од пријавеното лице, за кои обвинителството веднаш издало наредба за екстракција на податоците во сопствениот Истражен центар.
Имајќи ја предвид тежината на случајот, предметниот јавен обвинител на 25 март 2026 година до Секторот за компјутерски криминал при МВР доставил нова наредба со која се бара целосна анализа на податоците од телефоните, заедничка анализа со компјутерските податоци обработени во Истражниот центар, како и анализа на постапувањето по судската наредба за увид во системот на Кабинетот. Со наредбата било задолжително да се достави известување за прибраните докази до обвинителството.
Од ОЈО ГОКК нагласуваат дека и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување во вакви случаи, до денешен ден обвинителството нема добиено никакви резултати или известувања од страна на МВР за преземените дејствија и за прибраните докази
Текстот Обвинителството чека клучни докази од МВР за наводното шпионирање во кабинетот на Давкова е превземен од МАКФАКС.





