Министерството за труд и социјална политика обезбеди дополнителни 284,9 милиони денари за нови 1.216 вработувања, кои ќе бидат реализирани преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување.
Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница на предлог на Министерството за труд и социјална политика, го разгледа и прифати ревидираниот Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година. Во ревидираниот Оперативен План се имплементирани дополнителните средства во износ од 284.960.000 денари, обезбедени со Буџетот на Република Северна Македонија.
Целта, како што велат од Владата е да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории. Ова е предвидено со Акциски план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог од јули 2021 година.
Од вкупно предвидените средства, 36.900.000 денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемништво) за дополнителни 115 самовработувања, 153.750.000 денари за мерката за субвенционирање на плати со што ќе бидат дополнително опфатени 674 невработени лица.
Обезбедени се средства и за имплементација на новата пилот мерка за субвенционирање на плати во текстилниот сектор за 300 невработени лица во висина од 73.800.000 денари, како и 15.289.200 денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања.
Со овие измени и дополнувањата во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот обезбедуваме вработување на нови 1.216 невработени лица, преку програмите за вработување, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Целта е да се обезбеди подобар и побрз пристап на различни ранливи категории на невработени лица на пазарот на трудот во Република Северна Македонија.
Со Оперативниот план во 2021 година се опфатија околу 12 илјади невработени лица, преку 8 различни видови на програми во рамките на кои се содржани и одделни мерки.
До ноември реализирани се 85% од Оперативниот план за 2021 година и во наредниот период ќе се интензивира неговата имплементација.