Министерскиот состанок на ОБСЕ во 2023 година беше најголемиот и најзначајниот меѓународен настан организиран досега во Северна Македонија, настан кој собра министри за надворешни работи и делегации од целиот ОБСЕ простор, ставајќи ја нашата земја во центарот на светската дипломатија цели три дена, реагираат од ДУИ откако денеска „Вреди“ кажаа дека Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни криминални тендери.
Настанот, велат од ДУИ, беше пофален од сите партнери и меѓународни институции, опишан како совршено организиран и момент што ги направи горди сите граѓани.
Според партијата на Ахмети, сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и тие за надзор ја потврдија неговата законитост, транспарентност и примерна реализација.
„Обидите на „Вреди“ да клеветат не се ништо друго освен политичка злонамерност и завист.
Ниту еден извештај не утврдил незаконитост. Ниту една постапка не е прекршена. Ниту еден договор не е нелегален.
Вистината е едноставна: Северна Македонија ја пречека светската дипломатија и реализираше настан кој ќе остане запаметен како дипломатски и организациски триумф. Овој успех им припаѓа на граѓаните, на институциите и на секој што работеше со посветеност за да го прикаже најдоброто од нашата земја.
Разбираме дека за оние кои никогаш немаат организирано ништо со меѓународна вредност е полесно да шират клевети отколку да ја прифатат реалноста.
Но фактите остануваат факти и ниеден политички шум не може да избрише една национална приказна за успех“.
Кампањата на клевети на „Вреди“ за ДУИ, не е напад само врз една личност туку тоа е навреда за секој службеник, волонтер и граѓанин кој придонесе како што велат, Министерскиот состанок на ОБСЕ да биде извор на гордост за Северна Македонија.
Текстот Обидите на „Вреди“ да клеветат, не се ништо друго освен политичка злонамерност и завист, велат од ДУИ е превземен од МАКФАКС.






