Во издание на „Академски печат“ од Скопје од печат излезе книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти. Оваа најнова книга на Чоловиќ и Стаменов е резултат нa нивното дведецениско истрајно пасионирано истражување на животот и на творештвото на првата македонска поетеса и основоположничка на тнр. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која трагично го загуби својот живот во катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри” беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот” постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто. Зашто, таа со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Таа и најхрабрите по неа се изборија за рамноправно создавање на жената во најсуптилната сфера во уметноста – поезијата, дарувајќи ни возвишени плодови на поетското создавање, збогатувајќи ја комуникацијата меѓу двата пола и облагородувајќи го светот во нас и околу нас. Мораме да признаеме, сакале или не, дека во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува вистинска авангарда.
Но, и покрај тоа Даница и нејзиното творештво со децении намерно или ненамерно беа целосно заборавени или, пак, премолчувани, па дури и потценувани во македонската културна јавност. Токму затоа и книгата „Даница Ручигај: Песна над песните” е уште еден чекор конечно да се симне копрената од името на Даница Ручигај и таа и нејзината поезија да им бидат претставени на македонската јавност во сиот нивен сјај и да го заземат вистинското место што навистина го заслужуваат на македонскиот поетски Олимп.
Книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ содржи педесетина текстови – сеќавања, сведоштва и импресии на 35 нејзини содружници, пријатели, познаници, современици, но и наследници и следбеници и поезија за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај. Во книгата можат да се прочитаат сеќавањата и импресиите на академиците Матеја Матевски и Радован Павловски, потоа на Елена Бендевска, Битрица Миркуловска, Миле Попов, Нико Този, Коста Балабанов, Евгенија Шуплинова, Гордана Михаилова – Бошнакоска, Михо Атанасовски, Коле Чашуле, Светлана Христова – Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Иван Чаповски, Александар Ежов, Бранко Варошлија, Васил Тоциновски, Виолета Христовска, Људмил Спасов, Александар Прокопиев, Ристо Јачев, Кристина Николовска, Милан Јазбец и др.
Рецензенти на книгата „Даница Ручигај: Песна над песните” се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија и познат словенечки писател и поет, а нејзиното излегување е овозможено со финансиски средства на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Инаку, Искра Чоловиќ и Свето Стаменов се автори и на книгите посветени на првата македонска поетеса „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017) и „Лабудова песна Заробљенице ветра“ (2019), како и на антологијата на песни посветени на Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“ (2018), а беа приредувачи и на книгата на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, која беше објавена во 2003 година по повод четириесетгодишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година.