На основците и средношколците што денес ја завршуваат учебната година им честитам на напорната работа и заслужениот успех. Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, за крајот на учебната година.
Упати честитки и до сите учители, наставници и професори.
„Секој училишен ден им помагавте на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со предизвиците. Го цениме вашиот труд, ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто и тие ќе продолжат да растат, а континуирано ги подобруваме и условите во кои работите. Вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем и затоа сме Ви благодарни.
Сакам посебна честитка да упатам до родителите и старателите, кои се наши партнери во образованието, за поддршката и довербата заедно да придонесеме за напредокот на секое дете. Чесни, праведни и одговорни луѓе, со знаења и вредности, можеме да градиме само со заедничка посветеност“.
Најави дека Министерството за образование и наука ќе продолжи со подобрувањата на воспитно-образовниот систем.
„Работиме на нова Стратегија за образование, на создавање услови за обезбедување едносменско работење и продолжен престој за учениците во што поголем број училишта. Работиме на подобрување на инфраструктурни услови, ги надградуваме наставни програми и учебниците и го забрзуваме процесот на дигитализација. Оваа учебна година направивме многу – обезбедивме учебници за предметите за кои немаше, ги донесовме клучните закони и заедно со општините работевме на јакнење на училишните средини за да бидат мирни и безбедни за учениците, без сегрегација и дискриминација по ниеден основ. За учебната 2025/2026 сите заедно треба да направиме уште повеќе, за да можат нашите деца да добијат образование какво што заслужуваат“, истакна Јаневска.
Текстот Оваа учебна година направивме многу, обезбедивме учебници, ги зголемивме платите на наставниците и тие ќе продoлжат да растат: Јаневска за крајот на учебната година е превземен од МАКФАКС.