Одбележан Светскиот ден на лицата со церебрална парализа

пред 3 години

По повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа денеска Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност-Македонија“ организираше работна средба на која присуствуваа Спасе Додевски, советник на претседателот на Владата и претседавач со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на Обединетите нации, за правата на лицата со попреченост и советникот на премиерот за труд и социјална политика Милан Живковиќ.

„На средбата се разговараше за актуелната состојба, можностите и потребите на лицата со телесен инвалидитет, при што беше истакнато дека Владата сериозно пристапува и со исклучителен интензитет ќе продолжи да работи на сите процеси за остварување на правата на лицата со попреченост, со продолжување на соработката со корисниците и сојузите, со цел подобрување на животот на лицата. Во оваа насока беше истакнато дека Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет има и свој претставник, заменик-член во состав на Националното координативно тело во Владата, кој преку непосредна комуникација е вклучен во остварувањето на напредок на правата и можностите на лицата со попреченост“, соопштија од Владата.

На денешната работна средба, владините претставници ја истакнале подготвеноста на Владата да продолжат со спроведување процеси во нашата држава, преку децентрализација и деинституционализација, почитувајќи ги основните човековите права, да спроведуваат проекти во соработка со граѓанскиот сектор, со цел обезбедување квалитетни социјални и останати услуги и грижа за сите категории граѓани.

Со одбележувањето на Денот на лицата со церебрална парализа се обезбедува и промовира подигнување на свеста за причините кои ја предизвикуваат церебралната парализа, како и раното откривање и интервенција, на овој комплексен медицински, психолошки и социјален проблем, во насока на подобрувањето на состојбата на лицата со церебрална парализа, беше заклучено на денешната средба по повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа.

Share
Scroll to Top