Одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и 14 земји

Одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и 14 земји

пред 4 часа

Денес во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со свечен настан беа одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Северна Македонија со 14 земји: Соединетите Американски Држави, Република Грција, Комонвелтот на Австралија, Кралството Саудиска Арабија, Романија, Република Молдавија, Република Индија, Република Естонија, Украина, Република Казахстан, Монголија, Република Азербејџан, Република Литванија и Државата Израел.

На настанот свои обраќања имаа заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, како и амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.

Посакувајќи им добредојде на свечениот настан по повод јубилејот, заменик министерот Димитровски истакна дека денес со гордост се слават три децении на просперитетни дипломатски односи, кои започнаа во 1995 година и претставуваат долгогодишно патување со заедничко меѓусебно почитување, соработка и споделени вредности.

„Во тие рани години на нашата независност, кога младата држава ги правеше првите чекори на меѓународната сцена, секое воспоставување на дипломатски односи претставуваше камен-темелник во градењето на нашата државност. Овие први чекори беа почетоците на нашата непоколеблива определба кон западноевропските вредности и нашите аспирации кон евроатлантското семејство“, нагласи Димитровски.

Тој потсети и на приоритетите на Владата, кои се фокусирани на странските инвестиции, надворешната трговија, развојот на стратешките партнерства и меѓународното позиционирање на земјата.

„Гледајќи наназад, нашите односи прераснаа во силни стратешки партнерства. Со некои од овие земји денес сме НАТО сојузници, споделувајќи заеднички безбедносни цели и придонесувајќи кон колективната одбрана. Цврсто сме посветени на забрзување на евроинтегративниот процес и реализација на нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската унија. Оваа определба е нeпоколеблива и претставува инвестиција во иднината на нашите граѓани“, истакна заменик министерот.

Амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, од името на сите 14 земји со кои прославуваме денес, во своето обраќање пред присутните истакна дека овие 30 години донеле значајни развои, извонредни настани, еволуции и забележителни достигнувања.

Таа нагласи дека „Иднината на Северна Македонија е во Европската унија. Нè обединуваат историјата, културата и вредностите. Затоа, топло ѝ честитаме на земјата за нејзината европска посветеност и за сите реформи усвоени и спроведени досега на нејзиниот европски пат. Силно ја охрабруваме да го следи овој пат, колку и да е тежок, и да продолжи со своите напори насочени кон спроведување на сите потребни реформи.“

Текстот Одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и 14 земји е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top