На покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во работна посета на Република Северна Македонија присуствуваше министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок, за време на која оствари средба со својот домаќин.
Посетата на словачкиот министер е во рамките на неговата турнеја по земјите од Западен Балкан и ангажмани на Словачка за обезбедување европска перспектива за Регионот.
Посебно внимание во дискусиите беше посветено на евро-интегративната агенда и следните чекори кои ги очекува Северна Македонија на тој план.
„Гласната поддршка од нашите пријатели вдахнува нов оптимизам во земјава, и меѓу нас политичарите, меѓу администрацијата, меѓу прогресивните сили во земјава, одржувајќи го со тоа и европскиот кредибилитет, особено кредибилитетот на процесот на проширување, нагласи Османи.
На средбата беа афирмирани одличните пријателски односи на двете земји, кои последните години бележат нагорен тренд во повеќе области од заемен интерес.
„Одлуката за отворање на Амбасада во Братислава не е само симболика, туку и суштински придонес, преку кој ќе се засили нашето пријателство кое е во постојан подем, ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите проекти“, истакна Османи.