Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари посета на Седиштето на НАТО, каде имаше средба со генералниот секретар, Јенс Столтенберг, известуваат од МНР.
„За мене лично, денешната посета на НАТО е повеќе од симболична. Ова е моја прва официјална средба тука, по преземањето на функцијата, предводник на дипломатијата на Северна Македонија, и не верувам дека е игра на случајност, но денешниот ден се совпаѓа со ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието. Со што се потврди цврстата, едногласна и суверена одлука да бидеме денес 30-та полноправна земја – членка на Алијансата, а тоа е навистина убаво чувство, да се биде и официјално дел од најважната политичко-воена алијанса на светот“, истакна Османи.
Според информациите од ресорното министерство, Османи и Столтенберг разговарале околу активностите на Република Северна Македонија во насока на заокружување на процесот за целосно интегрирање на земјата во структурите на НАТО, финализација на правната рамка, ратификување на договорите што произлегуваат од нашето членство во организацијата и други активности што произлегуваат од членството.
На средбата, велат од МНР, биле разменети и мислења околу политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, како и околу нашето учество во натамошните планови и активности на Алијансата.
Според МНР, се разговарало и околу актуелните состојби со Ковид-19 пандемијата, при што заеднички била констатирана потребата од тесна соработка во рамки на НАТО и со земјите членки во справувањето со оваа глобална криза.
„Особено сме благодарни до сите земји-членки и партнери што обезбедија помош за нашата земја. Тоа го цениме како висок степен на солидарност, како клучен принцип врз кој се темели НАТО“, нагласи Османи.
Османи е во дводневна билатерална посета на Луксембург и Белгија, со цел презентација на европското досие на Северна Македонија.